Да се обезбеди пристап до прифатлива, сигурна, одржлива и модерна енергија за сите
Енергија
Меѓу многуте различни форми на енергија се хемиската енергија (енергијата која ја содржат молекулите); електрична енергија (енергијата од електричното поле); гравитациската енергија (енергијата од гравитациското поле); магнетната енергија (енергијата од магнетното поле); енергијата која го врзува јадрото (енергетската рамнотежа во процесот во кој јадрото се дели на деловите од кои се состои или на повеќе јадра); кинетичка и потенцијална енергија. Сепак, во контекстот на одржлив развој, прашањата во врска со енергијата мора да се фокусираат на три главни области: производство на примарна енергија; нејзиното претворање во изведена енергија; и секторите во кои изворите на енергија финално се трошат.
Денес, енергијата е дел од речиси секоја активност на човекот: се користи за греење на домовите, како гориво за нашите автомобили, за орање на земјата и за да се движат машините. Искористувањето на светските резерви на енергија доведе до незамисливо високи стандарди на живот. Навикнати сме да ја користиме енергијата во таа мера што и не можеме да замислиме да живееме без постојано достапно снабдување со енергија.
Енергијата е основен фактор за одржлив развој и намалување на сиромаштијата. Во последните децении има позитивен тренд во производството и употребата на енергија. Сепак:
- Иако делот од светското население со пристап до електрична енергија постепено се зголемува, од 79 проценти во 2000 година на 85 проценти во 2012, преку 1,1 милијарда луѓе живеат без електрична енергија.
- Во 2015 грубата пресметка покажа дека околу 2,8 милијарди луѓе немаат пристап до модерни енергетски услуги.
- Секој ден, околу 4,3 милиони луѓе умираат предвреме поради загадувањето во внатрешноста на домот од готвење и греење со несоодветни горива.
Поради тоа предизвикот е да се најде начин да се најде решение и за потребата и побарувачката за модерна и одржлива енергија и за влијанието на употребата на енергијата врз животната средина и светските природни ресурси со цел да се реализираат целите за одржлив развој.
Агендата 21 (промовирана за време на Конференцијата на ОН за животна средина и развој, одржана во Рио де Женеиро во 1992 година) го истакна фактот дека сегашната потрошувачка на енергија и производството не се одржливи особено доколку побарувачката продолжи да се зголемува. Исто така се нагласи важноста да се користат енергетски ресурси на начин кој не се коси со целите за заштита на здравјето на луѓето, атмосферата и природната средина.
Светскиот самит во Јоханесбург за одржлив развој во 2002 година, осврнувајќи се на енергијата во контекстот на одржлив развој, повика за акција во седум важни области:
- подобрување на пристапот до сигурна, достапна, економски изводлива, социјално прифатлива и еколошки здрава енергија;
- признавајќи дека енергетските услуги имаат позитивно влијание врз елиминирањето на сиромаштијата и подобрувањето на животниот стандард;
- развивајќи и дистрибуирајќи технологии за алтернативна енергија со цел да се учествува повеќе во енергетскиот микс со обновлива енергија и поитно, значително да се зголеми учеството на обновливи извори на енергија во светски рамки;
- диверзификација на снабдувањето со енергија преку развој на напредни, почисти, поефикасни и економични енергетски технологии;
- комбинирање на спектар на енергетски технологии, вклучувајќи и напредни и почисти технологии за фосилни горива, со цел да се задоволи сé поголемата потреба за енергија;
- забрзување на развојот, дистрибуцијата и користењето на достапни и почисти технологии за енергетска ефикасност и заштеда на енергија; и
- преземање активности, каде е соодветно да се исфрлат субвенциите во оваа област кои му пречат на одржливиот развој.
Во 2011 година, беше создадена од генералниот секретар на ОН Иницијативата одржлива енергија за сите со цел да се исполнат три главни цели до 2030 година: да се обезбеди универзален пристап до енергија за сите и тоа до модерни енергетски услуги; да се удвои процентот на подобрување на енергетската ефикасност; и да се удвои уделот на обновлива енергија во глобалното снабдување со енергија.
Во исходот од Конференцијата за одржлив развој од 2012 година, Рио+20 (Иднината што ја сакаме), светската заедница:
- ја препозна важната улога што ја има енергијата во развојот;
- ја нагласи потребата да се земат предвид проблемите за пристап до одржливи модерни енергетски услуги за сите; и
- препозна дека подобрувањето на енергетската ефикасност, зголемувањето на уделот на обновлива енергија, и промовирањето на почисти, енергетската ефикасни технологии се важни за одржлив развој.
Во 2014 година, генералниот секретар на ОН ја прогласи деценијата помеѓу 2014 и 2024 година за Декада на ОН за одржлива енергија за сите, предвидувајќи многу иницијативи, активности и заложби во текот на овие 10 години.
Во 2015 година, енергијата беше во центарот на светските напори да се предизвика парадигма на промена кон нискојаглеродни енергетски системи, зелени економии, искоренување на сиромаштијата и на крајот одржлив развој.
Денес, состојбата со производството на енергија и нејзината потрошувачката во светот покажува дека напредните економии имаат повеќе или помалку сигурен пристап до модерните извори на енергија, што го поттикнува нивниот постојан развој и раст. Во земјите во развој, поради ограничениот пристап до пристапна и сигурна енергија потешко е да се зголеми продуктивноста и да се промовира економски раст. Развојот на инфраструктурата која овозможува одржлив, сигурен и достапен пристап до модерните енергетски услуги би го подобрил економскиот статус не само на поединците, заедниците и земјите, туку исто така значително би го подобрило животниот стандард.





















